Радев: Скопје треба да ги исполни критериумите за деблокада на преговорите со ЕУ

од Nikola Popovski
221 прегледи

Претседателот на Бугарија Румен Радев потврди дека европската интеграција на С. Македонија е закочена и посочи дека Скопје треба да исполни одредени критериуми за Софија евентуално да ја тргне блокадата.

Радев ова го изјавил по петчасовниот состанок на Консултативниот совет за национална безбедност, кој се состанал за да се разговара за позицијата на Бугарија при процесот на проширување на ЕУ кон С. Македонија.

Според него, процесот на преговори меѓу Софија и Скопје не треба да се одредува со рокови, туку со реализација на задачите предвидени во Договорот за добрососедство, вклучително и правата на македонските Бугари.

„Четири години од потпишувањето на Договорот за добрососедство во 2017 година, С. Македонија не го направи она што е потребно за негова имплементација, но не гарантира ниту исполнување на преземените обврски“, оценува бугарскиот претседател.

Според него, децениската дискриминација на македонските Бугари во Македонија ескалирала со јавни напади врз граѓани кои се декларирале така, нагласувајќи дека овие права се клучен елемент на Копенхашките критериуми и за кои не може да се преговара.

Средбата се одржа пред најавеното доаѓање на новиот премиер на Бугарија Кирил Петрков во Скопје на 18 јануари на разговори за решавање на спорот меѓу двете земји.

Како што истакна Радев, бугарската влада добила задача да го почитува Договорот за добрососедство и пријателство, рамковниот став на Бугарија, како и Декларацијата на бугарскиот парламент за С. Македонија во преговорите со Скопје.

Тој додаде дека од големо значење е реализацијата на проектот кој обезбедува сообраќајно, дигитално и енергетско поврзување на двете соседни земји, истакнувајќи го како особено важен Коридорот 8.

Според сите учесници на состанокот, овие проекти ќе помогнат да се надмине застојот во односите меѓу Бугарија и Северна Македонија, да се врати меѓусебната доверба и да се поттикнат преговорите.

На состанокот на Консултативниоѕ совет за национална безбедност за позициите на Бугарија за процесот на проширување на ЕУ со Северна Македонија, што го свика Радев, присуствуваа премиерот Кирил Петков, претставници на пратеничките групи, министрите за финансии, за внатрешни работи и за одбрана, заменици министри за надворешни работи и шефовите на агенциите за национална безбедност и разузнавањето.

Слични содржини