По неуспешните обиди за формирање парламентарно мнозинство и нова влада, Бугарија ќе ги одржи третите парламентарни избори оваа година, објави Анадолија.
Последните парламентарни избори во Бугарија се одржаа на 11 јули, а Социјалистичката партија на Бугарија (БСП) не успеа да формира нова влада.
Лидерот на БСП, Корнелија Нинова, рече дека нема поддршка од другите парламентарни партии и го врати мандатот на бугарскиот претседател Румен Радев, кој ѝ беше доделен минатата недела како мандатар за состав на новата влада.
Бугарскиот претседател Радев го поздрави одговорното однесување и напорите на БСП во обидот за формирање нова влада.
-За жал, нашата земја ќе оди на нови предвремени избори, рече Радев.
Претходно, ниту лидерот на партијата ГЕРБ, Бојко Борисов, ниту лидерот на ИТН, Слави Трифунов, не успеаја да формираат нова влада како премиери. Првично, парламентарните избори во Бугарија се одржаа на 4 април, но дури и по тие избори, во таа земја не беше формирана нова влада, па затоа беа распишани избори за 11 јули.
Според Уставот, бугарскиот претседател Радев ќе го распушти парламентот по трет пат оваа година и ќе распише нови парламентарни избори.
Радев претходно рече дека прво сакал да им даде време на сегашните парламентарци да го усвојат државниот буџет со цел да ѝ олесни на земјата да се справи со економските и политичките предизвици.
Претседателските избори во Бугарија се најавени за 14 ноември, а евентуалниот втор круг ќе се одржи на 21 ноември. Политичките аналитичари тврдат дека може да се одржат предвремени парламентарни избори за време на претседателските избори.