Претседателот на Бугарија, Румен Радев денеска остварил телефонски разговор со помошникот државен секретар на САД за европски и евроазиски прашања Карен Донфрид, соопштија од прес-службата на претседателот.
Во фокусот на разговорот биле европската перспектива на Република Северна Македонија, партнерството меѓу Бугарија и САД во областа на одбраната, како и последиците од војната во Украина за безбедноста во Источна Европа.
-И Румен Радев и Карен Донфрид го осудиле и го прогласиле за недозволиво палењето на бугарскиот културен центар „Иван Михаилов“ во Битола. Според шефот на државата, палењето на културниот центар на македонските Бугари во Битола го извршиле луѓе кои се обидуваат да ја задржат Република Северна Македонија во сенка на тоталитарното минато на Југославија и да го попречат процесот на европска интеграција, стои во соопштението од Кабинетот на Радев.
Според бугарските медиуми, „Радев го изразил очекувањето на Бугарија за навремени постапувања од страна на институциите во Македонија, што ќе спречи овој чин на агресија врз македонските Бугари да остане неоткриен и неказнет“.