Сите аргументи ги дадовме во пишана форма и градоначалничката се дрзнува со лаги. Жално е тоа, изјави утрово претставникот на „Слобода превоз”, Кемал Муриќ од делумната блокада на булеварот „Илинденска“.
-Жал ни е за граѓаните. Ваквите одлуки се поради желбите на градоначалничката. Знаеме дека ЈСП нема капацитет, а нашите автобуси да стојат овде паркирани за да покажеме колку сме. Сообраќајот е оневозможен и автобусите се паркирани на крајните десни ленти. Немаме друг начин. Ова е се производ на првата жена на Градот, истакна претставникот на „Слобода превоз“.
Тој е дециден дека граѓаните трпат со ова.
-Требаше да тече превозот ако нејзина намера беше да се најде решение. Немаме други барања освен да ни се исплатат средствата кои ни се должат, додаде Муриќ.
Претставникот одговорно демантира дека приватниците продавале карти во автобусите.
-Додека трае денешниот протест, паралелно ќе побараме уште еднаш прием кај градоначалничката. Се надевам ќе не примат. Доколку не, ќе прејдеме кон радикални мерки и блокирање на крстосниците кај Мавровка и Црвен крст и целосна блокада на булеварот „Илинденска“. Семејствата ни трпат, гладни се, порача Муриќ.