Радиоактивниот фон на зрачење во РЕК Битола не е многу поголем од природниот, велат од Дирекцијата за радијациона сигурност

од Nikola Popovski
72 прегледи

За неодамнешниот радиоактивен облак од пепел од РЕК Битола, Дирекцијата за радијациона сигурност информира дека е извршено мерење и делот во централата не е поголем од природниот фон на зрачење. Според директорот Зоран Бајовски, природниот фон во Европа и светот се зголемува секоја година.

-Македонија нема нуклерна централа и нуклеарно гориво, но не е имуна на природниот фон на зрачење кое го создава самата природа. За РЕК Битола, конкретно, не е многу поголем од дозволените граници. Извршено е мерење и во 2024 година и сега од страна на еден од техничките сервиси и констатирано е дека тој не е многу поголем од дозволениот природен фон на зрачење. Мислам дека беше помалку од 5.000 нанохири, но не ме држете за збор, да не шпекулираме со бројки, доколку сакате ќе ви ги доставиме тие во писмена форма, рече Бајовски.

Природниот фон на зрачење, вели, го има и во моментов, бидејќи, како што појасни, сите ние сме и сега изложени на јонизирачко зрачење кое што е во граници на нормала.

Од РЕК Битола информираа дека активно се работи на минимизирање на проблемите кои ги предизвикува прашината при поинтензивен ветер или поради специфичниот процес на производство, транспортот и одлагањето на пепелта преку по 3,7 километарска лента. Пепелта, како нус производ од производството на електрична енергија, се третира со континуирано навлажнување, проследено со одлагање и засипување со земја.

На 26 март 2025 година, Државниот инспекторат за животна средина извршил надзор на одлагалиштето за пепел во РЕК Битола. При увидот било констатирано присуство на поголеми количини на пепел кои отстапуваат од пропишаните во Главниот рударски проект, за што е издадено задолжение во рок од 30 дена количините да бидат соодветно одложени и посипани со земја. Инспекторатот не изрекол санкции.

Од РЕК Битола соопштија дека од 25 април одлагањето на пепелта ќе продолжи директно во касета, а ќе бидат ставени во функција и водени топови за дополнително навлажнување.