Заменик-претседателот на Претставничкиот дом на Парламентарното собрание на БиХ, Небојша Радмановиќ смета дека приказната за нон-пејперот што предвидува промена на границите на Западен Балкан е на штета на Србија и дека се крие фактот дека со тоа сака да создаде „голема Албанија“.
„Не е исклучено овој документ да доаѓа од албанската кујна“, рекол Радмановиќ, а пренесува порталот РТРС.
Тој посочил дека албанскиот премиер Еди Рама бил единствениот кој признал дека го видел документот, пренесува Танјуг.
„Значи, станува збор за премиерот на Албанија, Еди Рама, кој ги има изборите на 25 април, чија програмска цел е голема Албанија. Нема спор дека нон-пејперот е создаден во албанската кујна со поддршка на некои разузнавачки структури “, вели Радмановиќ за „Глас Српске“.
Германија го отфрла прекројувањето на границите на Западен Балкан по етничка линија и идејата е „ставена во фиока“, изјавил вчера германскиот министер за надворешни работи Хајко Маас.
Мас реагира на наводната неофицијална дипломатска нота (Нон пејпер) што ги вознемири Балканците.
Според наводниот документ создавањето на Голема Србија, Голема Албанија и Голема Хрватска може да помогне во решавањето на националните тензии кои ја блокираат интеграцијата во ЕУ во регионот.
Дипломатската нота најпрво излезе во словенечките медиуми. Словенечкиот премиер Јанез Јанша ги демантираше извештаите во медиумите дека ги испратил до претседателот на Европскиот совет Чарлс Мишел, кој претседава со самитите на ЕУ, како предлог за тоа како да се справи со регионот откако Словенија го презеде претседателството со ЕУ во јули.