Радован Караџиќ, во животот имал многу улоги, од психијатар, поет, политички лидер, па се до бегалец и осуденик за стопански криминал. Но, оваа недела, ќе му биде изречена пресуда, поради која можеби, животот, до крај, ќе го помине во затвор-пишува БИРН Сараево

Радован Караџиќ е роден во јуни 1945 година, во село Петница, во близина на Савник, Црна Гора, одалечена околу 2.000 километри од Хаг, каде што судот на ООН, оваа недела, ќе му ја изрече пресудата по обвиненијата за воени злосторства.
Тој го поминал детството во Црна Гора, завршил училиште во Никшиќ, а потоа се сели во Сараево, каде завршил средно медицинско училиште и медицински факултет. Во болницата Кошево специјализира психијатрија.
Караџиќ има две деца, син Саша и ќерка Соња, со сопругата и лекарка, Лилјана Зелен. Поствоената кариера на Саша е непозната, а ќерката Соња, денес е заменик претседателот на Народното собрание на Република Српска.
Покрај работата во болниците во Сараево и во Белград, каде што работел со пациенти кои страдале од депресија, Караџиќ пишува и поезија.
Тој објавил четири книги поезија и се стекнал со голема слава; за време на војната, тој добил награда за литература во Русија. Тој дури објавувал и песни додека бил во бегство, по завршувањето на војната. Во песната „Сараево“, тој напиша: „Градот гори како темјан во црква, во чадот ја гледам нашата совест“.
Шефот на Караџиќ во болницата Кошево во Сараево, Исмет Цериќ, за американската телевизиска станица ПБС, изјави дека Караџиќ секогаш имал „неверојатно високо мислење за себе“.
„Тоа беше сосема неверојатно“, вели Цериќ. „Велеше: ’Јас сум одличен поет, одличен психотерапевт, одличен бизнисмен во комунистичкиот систем’. Во тоа време, мислевме дека се работи за необична смисла за хумор“.

Фотографии на Караџиќ што ги направила полицијата кога го уапсила во1984.
Осуден во 80-тите години
Во средината на 80-тите, Караџиќ се судрил со законот. Уапсен е под сомнение за проневера на државни средства, што ги искористил за изградбата на својата викендичка во Пале, над Сараево.
Караџиќ бил осуден, но поради времето што го поминал во притвор пред судењето, тој не заминал во затвор.
Во притвор бил со својот познаник, Момчило Краишник, кој, исто така, се нашол зад решетки заради стопански криминал, додека работел во енергетската фирма „Енергоинвест“.
Краишник, кој подоцна, за време на војната, ќе стане претседател на собранието на босанските Срби, за БИРН изјави дека ова искуство ги зближило.
Гардијан: Како радикалната левица и националистичката десница го бришат европскиот политички центар
„Го сметам за пријател и добар човек. Минавме заедно низ таа ситуација, на која што не сакам да се сеќавам, а подоцна останавме блиски. Знам дека никогаш не мразеше никого и дека не посакуваше никакво зло“, изјави Крајишник.
Во 1990, во Босна и Херцеговина доаѓа до формирање на националистичката Српска демократска партија, СДС, a Караџиќ во јуни истата година беше именуван за нејзин прв претседател. Партијата беше дел од антикомунистичка коалиција, која на почетокот се бореше земјата да остане во Југославија.
Во интервју за новинската агенција СРНА, Караџиќ вели дека тој не ја посакувал оваа положба.
„Не сакав да бидам активен политичар“, изјави тој. „Не сакав да ја водам Република Српска, а и немаше да го направам тоа, да не беа настаните од војната“.
Тој објасни дека само си ја вршел својата должност: „Моето разбирање за човековата судбина е таква што јас верувам дека човек мора да ги извршува своите обврски“, рече тој.

Караџиќ (десно) со Момчило Крајишник, за време на војната.
Повици за „Голема Србија“
Првите повеќепартиски избори во Босна и Херцеговина се одржаа во ноември 1990 година. Освен СДС на Караџиќ, уште две националистички партии беа меѓу најголемите победници, бошњачката Партија за демократска акција, СДА, и Хрватската демократска заедница, ХДЗ. Овие три партии формираа коалиција.
Миро Лазовиќ, кој во тоа време бил член на Социјалдемократската партија, се сеќава дека често на собраниски седници, во почетокот на 90-тите, водел битки против агресивната просрпска политичка агенда на Караџиќ.
„Караџиќ предложи создавање на Голема Србија“, вели Лазовиќ за БИРН.
„Поради неговата политика, а особено поради неговите тврдења дека доколку БиХ стане независна, муслиманскиот народ и земјата ќе исчезнат, ние во собранието предложивме да се одржи референдум на кој граѓаните ќе можат да се изјаснат дали се за независна Босна и Херцеговина“, рече тој .
Караџиќ, во говорот во октомври 1991 година пред босанскиот парламент, ги предупреди Бошњаците на опасноста од можна војна, по отцепувањето на Словенија и на Хрватска од Југославија. Тој рече дека отцепувањето од Југославија ќе ја одведе Босна и Херцеговина „на автопатот на пеколот“.
„Ова е патот по кој вие сакате да ја водите Босна и Херцеговина, по истиот автопат на пеколот и страдањата по кој тргнаа Словенија и Хрватска“, изјави тој пред пратениците.
Тоа беше говор со кој, се чини, беше предвидена бруталноста на конфликтот и масакрите што следеа.
„Немојте да мислите дека нема да ја одведете Босна и Херцеговина во пеколот, а муслиманскиот народ можеби во исчезнување, бидејќи ако има војна, муслиманскиот народ нема да може да се одбрани“, рече Караџиќ.
Откако Босна и Херцеговина во 1992 година прогласи независна, по референдумот на кој се гласаше спротивно на Србите кои сакаа БиХ да остане дел од Југославија, избувна војната.
За време на три и пол годишниот конфликт, Караџиќ беше претседател на Република Српска и врховен командант на нејзините вооружени сили.
За време на војната, неговите најозлогласени изјави беа за Сараево, кое три и пол години беше под опсада на српските сили.
Караџиќ негираше дека единиците под негова команда се виновни за смртоносните гранатирања на градот. По масакрот на пазарот Маркале, во кој во 1994 година загинаа десетици цивили, Караџиќ за весникот Борба изјави: „Имаме дисциплинирана војска … никој не може да отвори оган без изречна наредба“.
Тој изјави дека „Србите никогаш нема да заминат од Сараево, а градот ќе биде главен град на идната српска држава“.
Во неколку интервјуа, тој се спротивстави на меѓународната интервенција во Босна, велејќи дека тоа ќе биде „опасен преседан кој секоја земја би ја направил небезбедна и би ја нарушил демократијата“. Тој, исто така, јавно ја негираше одговорноста за масакрот во Сребреница.
Зборувајќи за тој период, воениот претседател на собранието на босанските Срби, Момчило Краишник, изјави дека Караџиќ „секогаш се бореле против злосторствата“.
„Тој не ги сакаше овие злосторства и ако има правда, тој ќе биде ослободен“, рече Краишник, кој и самиот беше осуден од Хашкиот трибунал на 20 години затвор за воени злосторства.
Сепак, Миро Лазовиќ вели оти е сигурен дека Караџиќ ќе биде осуден.
„Хашкиот трибунал веќе покажа што мисли за раководството на босанските Срби и утврди дека нивниот план бил вршењето на злосторства. Не се сомневам дека Караџиќ, како олицетворение на овие политики, ќе биде осуден“, рече тој.

Караџиќ, додека беше во бегство, се појави на телевизија претставувајќи се како духовен исцелител
Караџиќ во „илегала“
Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија, беше формирана во Хаг, откако илјадници лица од несрпска националност беа затворени во логори, а стотици жртви во Приедор во 1992 година беа убиени, како и по гранатирањето на Сараево од страна на силите на босанските Срби.
Првото обвинение против Караџиќ беше подигнато во 1995 година, неколку месеци по геноцидот во Сребреница.
Налогот за апсење на Караџиќ беше издаден во 1996 година, но во тоа време, тој веќе беше во бегство. Според британскиот новинар Џулијан Боргер, кој напиша книга за годините кои Караџиќ ги поминал во бегство и за неговото апсење, поранешниот претседател на босанските Срби го избегнувал апсењето повеќе од една деценија, бидејќи меѓународните сили и српските власти, на почетокот не биле подготвени да го уапсат, верувајќи дека тоа може да го загрози кревкиот поствоен мир.
Во почетокот, вели Боргер, Караџиќ се криел отворено во Пале, но подоцна, поради притисокот тој да биде изведен пред лицето на правдата, тој бега во Србија и таму се крие.
САД понудија награда од 5 милиони долари за информација која ќе доведе до негово апсење, но и покрај рациите на меѓународните и на локалните безбедносни сили, Караџиќ беше уапсен дури 12 години подоцна, во летото 2008 година во Белград, каде што живееше под името Драган Дабиќ, преправен како мистик на новото време.
По маратонското шестгодишно судење, на кое сведочеа повеќе од 500 сведоци, во четврток се очекува да биде изречена и пресудата. Обвинителството побара доживотна казна затвор, додека Караџиќ, кој и натаму тврди дека не е виновен, изјави дека треба да биде ослободен.
Извор: БИРН Сараево