Раду: Највредната работа за секој политичар е интегритетот, лидерот е тој што креира лидери, ги мотивира вработените, одговорно и транспарентно работи

од Radmila Tasevska
422 прегледи

Викендов, во Скопје се одржа третиот тематски модул „Како да обезбедам финансии за мојата идеја” од Академијата за креирање јавни политики „Од идеја до реализација” во организација на Фондацијата Фридрих Еберт, а во соработка со Асоцијацијата за инклузивен и одржлив развој – SIGA.

Главен говорник на овој модул беше Мариан Раду, пратеник и потпретседател на ПЕС – владејачката партија на Молдавија којшто говореше за искуството на Маиа Санду и ПАС во Молдавија како интегритетот ги победи црните пари во политиката.

Раду, потенцираше дека победа и владеење со интегритет е можно, а највредната работа за секој еден политичар е интегритетот и токму затоа потребно е да се чува и да се имплементираат политики коишто се исклучиво во интерес на граѓаните.

„Лидер е тој што произведува лидери. Добар лидер е тој што ги поттикнува и мотивира своите вработени, којшто во прв план ги става потребите на граѓаните и одговорно и транспарентно работи. Интегритетот е темелот на доброто управување и една од основните главни вредности во секоја професија, особено во имплементирање на јавните политики и унапредување на општеството”, истакна Раду.

Учество на Академијата зедоа и директорката на СИГА Мила Царовска, проектната координаторка во ФЕС Нита Старова, обучувачите Снежана Костовска и Зоран Стојковски коишто зборуваа за концептот на обезбедување средства за проектни бизнис идеи од грантови и социјални инвестиции, како се дефинираат проектните методологии, бизнис алатки и потребните вештини.

Учесниците беа запознаени со националните програми за финансиска поддршка, структурата на проектна апликација за грант, наоѓање повици за предлог проекти, награди за аплицирање, како и за планирање на цели, резултати, главни активности, очекувано влијание, ефекти и постигнувања од замислената интервенција.

Академијата за креирање јавни политики на ФЕС и СИГА е едукативен и интерактивен концепт за развој, подигнување на свеста околу одредени општествени состојби, како и градење на капацитети за дејствување кај учесниците ставајќи се во ситуација на носители на одлуки или лидери кои треба одредена идеја да ја преточат во јавна политика.

Низ четирите модули во период од месец април до ноември 2023 година, учесниците ќе се стекнат со знаења и вештини за управување со процесите, донесување на одлуки, запознавање со искуствата од другите земји, како и за иднината на социјалдемократијата.

Во изминатите месеци, одржани беа два модула кадешто младите беа запознаени со методологијта и петте фази на „Design Thinking“, со сегментите од бизнис модел канвас и како да се вмрежат и добијат поддршка за нивната идеја.

Слични содржини