„Прозорец на бугарската амбасада во Скопје беше искршен во хулигански чин извршен вчера од непознат сторител. Покрената е истрага за случајот“, изјавил синоќа бугарскиот амбасадор во Македонија, Желјазко Радуков за бугарските медиуми по инцидентот во текот на вчерашниот ден.
Според него, бугарската страна е во контакт со надлежните институции во Македонија, кои уверија дека работат на случајот. Во моментов нема официјални информации дали сторителот е идентификуван или приведен.
„Сè уште немаме податоци за фазата на истрагата, но сме уверени дека е во тек“, рекол Радуков.
Амбасадорот истакнал дека нападот не е изолиран случај, туку дел од низа, како што вели, инциденти насочени против бугарските институции и граѓани во Македонија. Според него, „главните причини се континуираниот антибугарски наратив во јавната сфера и недостатокот на вистинска казна за ваквите дела“.
„Оваа неказнивост создава чувство дека ваквите дејствија се дозволени. Нема превенција, напротив – луѓето се чувствуваат слободни да покажат антагонизам“, нагласил Радуков.
Според него, се забележува ескалација – „од вандализам врз културни места до физички напади врз претставници на бугарската заедница“. Нападот врз дипломатска мисија, според неговите зборови, е квалитативно различен чин и преминува важна линија.
„Прашањето е дали властите во Скопјe се подготвени всушност да работат за добрососедски односи“, рекол амбасадорот, пренесува „БНТ“.
Тој додал дека „недостатокот на ефикасен одговор на злосторствата од омраза и истовремениот прогон на бугарските активисти за нивните изразени ставови само го продлабочува проблемот и го проширува кругот на потенцијални сторители на вакви напади“.