Во ситуација на тензично исчекување на одлуката за најавеното покачување на цената на електричната енергија, дел од познавачите на состојбите недвосмислено ги подржаа негативните реакции на јавноста.
„Треба да се почека со вакви решенија“,изјави за „Локално“, професорот Горан Рафајловски ставајќи го во преден план актуелниот чувствителен политички период.
„Секоја можност за поскапување не оди во прилог на новата Влада. Не треба да се избрзува со таква политички некоректна одлука во момент кога таа се формира“, вели Рафајловски.
Како противтежа го нагласува фактот дека иако во суштина имаме релативно ниски цени на електричната енергија, сепак поскапувањето ќе има реперкусии во однос на граѓаните и приватниот бизнис. Оттука, сугерира дека доколку тоа се случи, ќе биде неопходна интервенција од страна на Владата во насока на пример на замрзнување на цените на прехрамбените производи.
Коментирајќи го формирањето на новото Министерство за енергетика, Рафајловски посочува дека придобивките можат да бидат значителни, но единствено во контекст на доследно почитување на целта на неговото формирање-енергетска стабилност и независнот.
„Политички гледано, ако сакаме да се подобри организацијата во енергетскиот сектор и ако се направат напори за развој и импулс за нови проекти, тогаш е добро сето тоа да биде под капата на едно Министерство кое ќе има фреквентна, константна и блиска координација со Владата. Сите тие проекти, подобрата организација и политиката на цени ќе бидат брзо решавани и ќе се даде дополнителен импулс за реализација на проектите. Ваквото министерство треба да е сервис на граѓаните но да се внимава на нашиот менталитет, институцијата да не прерасне во алатка за богатење на поединци“, посочи Рафајловски.
Очекувањата се дека најавеното покачување на електричната енергија ќе биде еден од првите предизвици на новото Министерство за енергетика но и генерално на целата Влада. Дел од експертите веќе побараа новата Влада да ја врати старата цена по која ЕСМ ќе и продава електрична енергија на ЕВН, односно 57 евра за мегават час.
Идниот премиер Мицкоски пак упати уверување до граѓаните дека идната Влада ќе ја врати цената на електричната енергија со тенденција како што рече, да ја намали кога ќе почне новиот период на регулирање на цената, а тоа е од први Јануари.
Во меѓувреме, група пратеници од ВМРО на кој прво потпишан е токму тој, достави до Собранието Предлог закон за измени на Законот за енергетика. Со предложените измени треба да се овозможи да нема зголемување на цената на електричната енергија за домаќинствата и малите потрошувачи, за кои се подготвува нов ценовник од 1 јули.
К.В.С.