Раиконен и 19-та сезона во Формула 1

од Vladimir Zorba

Возачите на Алфа Ромео, Кими Раиконен и Антонио Џовинаци ги продолжија договорите и ќе возат за тој тим во следната сезона во Формула 1.

Раиконен и Џовинаци ќе возат заедно и трета сезона. Следната сезона ќе биде 19-та сезона во Формула 1 за 41-годишниот Финец, кој на 11 октомври на трката во Германија стана возач со најмногу стартови – 322.

Тој дебитираше во Формула 1 во Заубер, кој се вика Алфа Ромео од минатата година.

„Алфа Ромео за мене е повеќе од тим, за мене е како второ семејство. Многу луѓе кои беа околу мене кога дебитирав во Формула 1 во 2001 година се уште се таму, а уникатната атмосфера на овој тим ми дава дополнителен мотив да продолжам во 19-тата сезона во овој спорт, следната година“, изјави светскиот шампион од 2007 година година, се наведува во изјавата на тимот и додава:

„Не би бил тука ако не верував во проектот на тимот и во она што мислиме дека можеме да го постигнеме заедно. Ова е тим кој повеќе ја цени напорната работа отколку зборовите, а тоа одговара на мојот стил. Се радувам на следната година и се надевам дека ќе направиме чекор напред“, истакна Раиконен.

Детето од академијата на Ферари, Антонио Џовинаци, е среќен што му се верува.

„Тимот веруваше во мене многу, и со напорна работа и посветеност дадов сè од себе за да ја оправдам довербата. Постигнавме неколку добри резултати и мислам дека придонесов за напредокот на тимот, но имаме многу пред нас, сакаме да постигнеме многу работи заедно“, изјави 26-годишниот италијански возач.

Алфа Ромео моментално се осми во шампионатот на конструктори со пет бода.

По објавата на Алфа Ромео за составот за 2021 година, има уште четири екипи кои не го сторија тоа – Мерцедес, Ред Бул, Алфа Таури и Вилијамс.

loading...

Слични содржини