Рајчановски од групацијата на авто-такси превоз: Поскапувањето требаше да биде поодамна, новите тарифи се со пониски цени од реалните

од Nikola Popovski
552 прегледи

Ако земеме во предвид дека постоечката цена на такси услугите во град Скопје е стара повеќе од 11 години, во меѓувреме горивото поскапе повеќе од 100%, драстично се зголемени цените на резервните делови и потрошниот материјал како и сервисирањето на такси возилата, прилично се зголемија и животните трошоци и многу други работи, покачувањето требаше да биде многу поодамна, вели за „Локално“ претседателот на групацијата на авто-такси превоз на Град Скопје, Сашо Рајчановски во однос на одлуката за поскапување на цената на такси услугите.

Рајчановски смета дека и покрај повисоката цена на превозот, граѓаните ќе продолжат да ги користат такси услугите.

-Дури и повеќе ќе ја употребуваат такси услугата бидејќи ќе има доволен број легални такси возила и ќе ги избегнуваат нелегалните таксисти со диво штелувани таксиметри по 2-3 пати повисоки цени. До сега граѓаните беа приморани од место да се возат со диви и да плаќаат скапо бидејќи неколку стотини такси возила поради нерентабилноста беа паркирани во гаража. Ќе се зголеми бројот на патници и од причина што веќе изгласаните тарифи се со многу пониски цени од реалните што требаше да бидат, појаснува претседателот на групацијата на авто-такси превоз.

Во однос на новите три тарифи и тоа што беше објавено во јавноста, Рајчановски објаснува дека тие ќе бидат наштелувани во фискалниот таксиметар и такси возилата ќе имаат истакнато ценовник со тарифата која ќе ја возат.

-Тоа се налепници на прозорите на задните врати и ветробранското стакло од страната на совазачот. Такси компаниите ќе си одлучат по која тарифа ќе возат и штелувачот ќе им ја залепи соодветната налепница со ценовник. Во моментов препорачлива е втората тарифа, но не е исклучена можноста некои компании кои имаат возила кои се поголеми потрошувачи на гориво да ја користат третата тарифа, информира Рајчановски.

Тој меѓу другото истакнува дека како такси-превозници го напуштиле правилото кое важеше децении наназад стартот да биде 1 литар гориво, а километарот пола литар гориво, со цел да станат потреба на граѓаните , а не луксуз.

Претседателот на групацијата на авто-такси превоз го коментира и проблемот со нелојалната конкуренција и дивите таксисти. Според него, проблем се лицата со неуниформирани возила, нелиценцирани возила, без фискални таксиметри, непријавени такси возачи, диво штелувани таксиметри, возачи-пензионери итн.

-Ова постојано го укажуваме и бараме решавање на овој проблем за кои инспекторите ни укажуваат дека проблемот не е кај нив. Дивите возила ако ги одземат немаат каде да ги носат бидејќи директорот на Агенцијата за чување на одземен имот подолг период не сакал да прима автотакси возила. Сообраќајните инспектори не можат да бараат документ за вработување бидејќи од 2018 година е избришан став од Член во Законот за превоз во патниот сообраќај каде што предвидуваше за добивање извод од лиценца за такси возило да мора да има вработено минимум еден такси возач, па ако вработен возач не е услов за добивање извод од лиценца тогаш сообраќајниот инспектор го немал правото да бара документ за вработување и затоа ни возат пензионери на кои со самото пензионирање им завршува работната способност. Не само што ни се нелојална конкуренција туку и опасност е да возат во јавниот превоз, порачува Рајчановски и додава дека следниот период ќе посветат повеќе внимание на овие проблеми и ќе се обидат да направат притисок за да се намали и отстрани нелојалната конкуренција.

Советот на Град Скопје вчера го усвои барањето на таксистите за формирање на нови тарифи и цени откако на минатата седница барањето беше одбиено. Според нив, првата тарифа (по која возеше изминативе 11 години и неколку месеци) значи старт (почеток на возењето ) 40 денари. Секој изминат еден километар чини 25 денари, а чекање еден час 300 денари. Според, втората тарифа, старт ќе биде 50 ден, изминат еден километар 30 ден, а чекање 1 час 420 денари. Третата најскапа тарифа предвидува старт од 60 денари, а за секој километар да се наплатува 35 денари. Чекање еден час ќе биде исто 420 денари.

Н.П.

Слични содржини