Ракета погоди танкер во близина на Јемен, САД веднаш испратија разурнувач

од Stefanija Kuzmanovska
306 прегледи

Крстосувачка ракета лансирана од Јемен, од област контролирана од Хутите, погоди комерцијален танкер и предизвика пожар и материјална штета. Во нападот нема жртви, соопшти американската војска, пишува „Ројтерс“.

Нападот на танкерот „Стринда“, кој плови под норвешко знаме се случи на околу 60 наутички милји (111 километри) северно од теснецот Баб ал-Мандаб, кој ги поврзува Црвеното Море и Аденскиот Залив, околу 21 часот по локално време, навел неименуван американски официјален претставник за „Ројтерс“. Друг американски функционер изјави дека „Стринда“ можел самостојно да плови дури и по нападот.

„За време на нападот немаше американски бродови во близина, но разурнувачот на американската морнарица УСС Мејсон одговори на повиците на Стринда и ѝ обезбеди помош“, соопштија претходно од Централната команда на американската армија.

Хутите, бунтовничка група блиска до Иран, повремено се вклучуваат во конфликтот меѓу Хамас и Израел, напаѓајќи бродови на клучните водни патишта во близина на Јемен. Тие испукаа проектили и кон самиот Израел.

Оваа сабота Хутите објавија дека ќе ги таргетираат сите бродови кои пловат кон Израел, без оглед на знамето под кое пловат. Тие ги предупредија меѓународните бродски компании да не соработуваат со израелските пристаништа. Велат дека тоа го прават од солидарност со Палестинците и додаваат дека немаат намера да запрат додека Израел не ја прекине агресијата врз Газа.

Слични содржини