Архитектот и универзитетски професор, Мишко Ралев со своја реакција по денешните обвинувања од СДСМ откако беше најавено дека ќе биде дел од тимот на кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски. Од најголемата опозициска партија која сериозно размислуваше да го поддржи Ралев како кандидат за градоначалник на Град Скопје, но, во последен момент се одлучи за друго име, денеска рекоа дека архитектот учествувал во „личен пазар“.
Ралев во кратка изјава за „Локално“ одговори на прозивките, порачувајќи дека не е дел од СДСМ.
-Не знам зошто се занимаваат со мене. Јас не сум дел од СДСМ, а тие покажаа и дека не им требам. Јас сум професионалец и слободен човек на добар глас. Мојот избор е мој личен, а нивниот чиј е? Ќе бидам дел од советодавна Комисија за урбанизам и архитектура за доброто на градот, доколку Ѓорѓиевски победи на изборите. Така што останувам професор и декан на Факултетот за архитектура и дизајн, а оваа активност би била хонорарна, ни рече професорот.
СДСМ вели дека нема зошто да го толкува приклучувањето на Ралев во тимот на кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ. Сепак, од партијата оценија дека се работи за личен пазар.
-Може само да констатираме дека за жал станува очигледно дека мотивите за неговиот ангажман во политиката биле на ниво на личен пазар, велат од СДСМ.
Потпретседателката на СДСМ, Кристина Костова се огласи со посебна објава на социјалните мрежи по повод денешниот развој на настаните.
Стигна став и од ВМРО-ДПМНЕ. Сметаат дека „кога СДСМ мрази некого, значи дека таквите личности вредат“.
Ралев беше еден од најсериозните кандидати на СДСМ за градоначалник на Град Скопје, но партијата одлучи да „истрча“ со поранешната минстерка за животна средина, Каја Шукова. Toj токму во неодамнешно интервју за „Локално“, рече дека првично бил поканет од партијата од „Бихаќка“, т.е. од нејзиниот претседател Венко Филипче да се кандидира за местото градоначалник на Скопје со нивна поддршка.
-После сериозно размислување и консултација со моето семејство, јас позитивно одговорив на таа покана. Една од причините вие веќе ја наведовте, а тоа е мојата професија – архитект и професор, а секако и мојот однос кон родниот град напластен низ генерациите на моето старо скопско семејство, истакна, меѓу другото, професорот.
Н.П.