Продолжуваат шпекулациите за иднината на Оле Гунар Солскјер, иако засега раководството на „црвените ѓаволи“ не брза да ја донесе одлуката која многу фанови на тимот ја очекуваат – отказот на Норвежанецот. Медиумите се доста контрадикторни во нивните очекувања, а според некои од нив Солскјер сигурно ќе го предводи тимот на мечот против Ватфорд, кој е прв по паузата за репрезентациите. Други тврдат дека прашањето повеќе не е дали менаџерот на Јунајтед ќе добие отказ, туку кога тоа ќе се случи.
Во последните два дена се појави интересно сценарио, според кое Ралф Рангник може да биде назначен за привремен менаџер на Манчестер Јунајтед до летото 2022 година, по што клубот ќе се обиде трајно да ги назначи Ерик тен Хаг или Брендан Роџерс.
Германецот беше тренер на Хофенхајм, Шалке 04 и РБ (Лајпциг), а моментално е спортски директор во Локомотив (Москва). Некогаш го поврзуваа со улогата на фудбалски директор во Манчестер Јунајтед, но сега некои извори тврдат дека тој е заинтересиран барем на одредено време да се врати на тренерската работа.
Вчера некои англиски медиуми веќе го идентификуваа Германецот како фаворит за оваа позиција. Според Фабрицио Романо, Рангник сепак не е првата опција бидејќи ја сака целата оперативна моќ во клубот, што нема да биде прифатено од сопствениците.
Италијанскиот новинар открива дека пред извесно време се разговарало со Рангник, но Јунајтед се откажал од него бидејќи е личност со која не е лесно да се работи. Глејзерси не сакаат таков човек и поради истата причина се откажаа од Антонио Конте и засега продолжуваат да се држат до Солскјер кој многу полесно кажува „да“.
Романо, исто така, тврди дека до вчера никој од раководството на Јунајтед не барал контакт со други тренери за евентуално да го замени Солскјер.