Албанскиот премиер Еди Рама денеска потврди дека американскиот претседател Џозеф Бајден зборувал и за безбедносниот проблем на Западен Балкан за време на неговото обраќање на самитот на НАТО во Вилнус.
„Ме теши фактот што претседателот Бајден ја допре оваа точка во својот говор пред Советот, бидејќи безбедносниот проблем на Западен Балкан денес можеби не е во иста мера како големиот проблем на Украина, но не е толку мал за тој да се третира како неважен“, рече Рама, цитиран од албански медиуми.
Тој посочи дека „тоа што се случува е вознемирувачко“, и дека, како што оцени, особено неодамна, „кога северот на Косово стана жариште и заканата од конфликт станува се поголема“.
„Истовремено, додека постои дијалог меѓу Белград и Приштина, со посредство на ЕУ, постои и трета страна поврзана со создавање на екстремистички групи на северот на Косово“, тврди Рама.
Тој претходно посочи дека е природно Албанија да инвестира повеќе во одбраната, што е директна последица на она што се случува во Украина.
„Верувам дека постои целосна намера да продолжи поддршката за Украина и сите сакаат да инвестираат повеќе во одбраната, што е директна последица на настаните во Украина. За нас нешто такво е природно, бидејќи на потешкиот начин научивме што значи слобода и демократија во една земја“, рече Рама.
Тој го опиша дводневниот самит на Алијансата во главниот град на Литванија како одлучувачки.
Зборувајќи за одлуката членките на НАТО да издвојат најмалку два отсто од својот БДП за одбрана, Рама посочи дека за Албанија тоа претставува „под, а не плафон“ на посветеноста, и покрај тоа што „не сме меѓу најбогатите земји членки“.