Албанскиот премиер Еди Рама изјави за британскиот весник „Фајненшл тајмс“ (ФТ) дека НАТО треба повторно да воспостави контрола врз северно Косово, повикувајќи ги западните лидери да го решат „бесконечното лудило меѓу балканските земји“.
„НАТО треба повторно да воспостави контрола над северно Косово или ќе се соочи со континуирано насилство меѓу етничките Срби и етничките Албанци во регионот“, изјавил албанскиот премиер за ФТ.
Рама, чија земја е членка на НАТО алијансата, разговараше со ФТ по судирите во Бањска каде загинаа најмалку четири лица, од кои еден косовски полицаец.
„Косово е жариште. Стана ничија земја со текот на годините каде што сите видови злосторства се комбинираат со растечкиот национализам. Границата меѓу криминалот и политиката е нејасна“, рече Рама.
НАТО најави дека ќе ги распореди дополнителните сили потребни за стабилизирање на ситуацијата, а Германија и Велика Британија веќе ветија стотици војници покрај постојната сила од 4.500 војници за да го задржат регионот под контрола, потсетува британскиот весник, додавајќи дека Косовскиот и српскиот лидер се повикани и на НАТО да го зголеми своето присуство и да ги смири тензиите.
Рама се заложи за „конференција на високо ниво“ која ќе ги вклучи лидерите на Франција и Германија и повторно ќе ги вклучи САД.
„Тоа е најдобриот начин да се излезе од ова бескрајно лудило“, кажал Рама, кој веќе го привлече вниманието на влошената безбедносна ситуација во Косово за време на самитот на НАТО во јули.
Целта, рече тој, е „целосно признавање на Косово во ЕУ и ОН“.
„Не е лесно да се промени текот на историјата, потребно е лидерство. Но, ако Франција и Германија можат да го направат тоа (по Втората светска војна), ако Саудиска Арабија и Израел можат да го направат тоа, тогаш знаеме дека може да се случи“, порачал албанскиот премиер.
Русија долго време ја поддржува Србија и не ја призна независноста на Косово. По руската инвазија на Украина, Белград се спротивстави на повиците од Западот за воведување санкции кон Русија.
„Кремљ, исто така, би сакал да види малку Донбас во Косово и да го разгори пламенот на сепаратизмот сред Европа“, смета Рама.
Иако не понудил докази за руската вмешаност во неодамнешното разгорување на тензиите, Рама рекол дека вмешаноста на Кремљ е „наједноставниот заклучок што може да се извлече“.
„Тие (Русите) го прават тоа низ целиот свет, од Африка до Блискиот исток, па се разбира дека ќе се обидат и во Европа… Косово е алат за Русите“, тврди претседателот на албанската влада.