Албанците никогаш нема да заборават дека Турција беше една од првите земји што ја призна независноста на Косово, изјави денеска албанскиот премиер Еди Рама на заедничката прес-конференција со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во Анкара, пренесува „Економија онлајн“.
Меѓу другото, Рама рекол дека Албанија и Косово не можат да дозволат Турција да заборави три работи:
„Турција го призна Косово како независна република неколку минути откако нејзиниот парламент прогласи независност. Втора работа, кога Албанија беше погодена од земјотрес со екстремно тешки последици, вие бевте првиот што комуницираше со мене и рековте додека е Турција, Албанија никогаш нема да биде сама. Дадовте јавна иницијатива за итен почеток на изградба на 500 нови станови“, рече Рама.
Тој ја спомена и помошта на Турција за време на пандемијата со Ковид-19.
„Кога Албанија и албанскиот народ, заедно со другите народи од нашиот балкански регион, се чувствуваа како риба надвор од вода, во моментот кога светот беше погоден од ковид-пандемијата и на телевизија го гледаа почетокот на вакцинацијата во Европа, да не беше Турција и вие лично, којзнае колку луѓе ќе ги загубија животите. Овие три моменти меѓу животот и смртта никогаш не се забораваат“, порачал Рама.