Албанскиот премиер Еди Рама денеска од Валона истакна дека официјална Тирана ќе бара одвојување од пакетот со С. Македонија на европскиот пат и преговарачкиот процес, доколку нашата земја не го прифати францускиот предлог.
-Се надевам дека резултатот од дебатата во Парламентот на Северна Македонија ќе биде позитивен. Ако е така, Конференцијата дефинитивно ќе биде свикана наскоро. Доколку резултатот не биде позитивен, следниот ден веднаш ќе побараме одвојување на албанското досие од бугарско-македонското досие и убедени сме дека Албанија треба да ги отвори преговорите оваа година без дискусија, одговори Рама на новинарско прашање поставено на заедничката прес-конференција со европскиот комесар за проширување Оливер Вархеји.
Рама додаде дека посакува македонското Собрание да го „отвори патот за предлогот на Франција и двете земји да влеземе во преговори со ЕУ“.