Неопходно е НАТО да биде поприсутно во Косово, особено да се ангажира со повеќе трупи за обезбедување на границата меѓу Косово и Србија, која е извор за многу лоши нешта, од каде што се пробиваат поединци и групи кои што имаат за цел да предизвикаат дестабилизација на Косово, изјави премиерот на Албанија, Еди Рама по денешниот неформален состанок на лидерите на НАТО сојузниците од регионот.
Според него, несомнено генсекот на НАТО подвлече дека единствен начин за да се третираат сите проблеми кои налагаат крајно решение меѓу Приштина и Белград е дијалогот кој што ќе биде со посредство на ЕУ.
-Со ова сите се согласуваме и имаме и заедничка желба следниот формат на ваков неформален состанок да се оствари и со присуство на други земји од ЗБ кои што не се дел од Алијансата, но имаат договори за партнерство со НАТО. Ова е исклучително важно. Не треба да се забораи дека мирот што го имаме во регионот е многу ценет, иако е кревок. Тоа е стратешка цел за сите и без оглед на се, кажа Рама од Скопје.
Албанскиот премиер истакна дека потекнуваме од минато со многу крвопролевање и болка и никогаш не сме биле подобро од што сме биле денес.
-Утре и во иднина треба да бидеме подобри од тоа што сме денес. Ние сме убедени дека Косово треба да ги забрза процесите за интегрирање во НАТО. Сакам да му се заблагодарам на претседателот на Хрватска кој постојано го повторува тоа и се согласувам со ставот дека е апсурдно Косово да биде спречено во овој процес, а во меѓувреме во НАТО сите сме ангажирани во земјата. Косово треба да се признае од земјите на НАТО и ЕУ, додаде Рама.