Премиерот на Албанија, Еди Рама, изјави денеска дека иницијативата „Мал Шенген“ е многу поважен по пандемијата отколку порано и дека секој што го комплицира процесот го прави тоа од политички причини.

„Јасно е дека секој што го комплицира овој процес со приговори, го прави тоа само од политички причини и од кратковидните политички ставови. Комплетна глупост е дека сите не сме вклучени во ова затоа што зборуваме за четирите слободи на Европската унија“, рече Рама на Самитот на шестте од Западен Балкан.
Тој додаде дека е значајна брзата имплементација на иницијативата за економска интеграција на регионот, што ќе бара подобар мониторинг на лидерите и партнерите кои мораат побрзо да го исполнат она што го ветија.
„На некои (заради пандемијата) ќе им биде погодено снабдувањето, на некои производството, а некои, како нас, ќе бидат погодени од драстичниот пад на туризмот“, рече Рама, додавајќи дека побрзата и поголема соработка меѓу земјите ќе помогне во компензирањето на потребите.
Тој изјави дека развојот на регионот на Западен Балкан преку мирот и соработката сега е поважен од кога било.
„Големиот сон за развојот на регионот преку мир и соработка сега е најважен. Поважно е сега отколку пред пандемијата. Верувам дека пандемијата ни докажа дека она што го правиме веќе шест години од почетокот на Берлинскиот процес, е токму она што им треба на идните генерации“, рече Рама.
Тој изјави дека проценката е дека Западен Балкан ќе биде погоден од рецесија од дури осум проценти по пандемијата.
Заедничкиот нацрт на документот за формирање на „малиот шенген“, кој беше усвоен од трите земји од регионот минатата година во Тирана, е всушност практичен план за економски развој на регионот, убеден е Рама.