Премиерот на Албанија, Еди Рама, во Тирана на состанокот на владите на Албанија и на Косово изјавил дека амбиција на двете влади е да ја отстранат границата меѓу двете страни. Средбата се одржува под слоганот „Заедно без граници“.

На состанокот на двете влади, Рама рече дека ќе се интензивира работата за овозможување контрола во реално време на граничните точки и „конечно отворање на границата“. Премиерот на Албанија на почетокот на состанокот рече дека се договориле со Косово да го унапредат заедничкиот проект за 150-годишнината од Призренската лига, што се однесува на „урбана преквалификација на историски град на Албанија“.
Рама рече дека пристаништето Драч ќе стане стратешко пристаниште, заедничко за двете земји. Тој ја спомена и изградбата на пругата Тирана-Драч, додавајќи дека има обврски за развој на дигиталниот коридор Приштина-Тирана за 5G технологија.