Рама објави: Заедно со Ковачевски, Вучиќ ќе учествуваме на Самитот во Брисел, нема да има многу што да се слушне за нас

од Берта Китинска
172 прегледи

Премиерот на Северна Македонија, Димитар Ковачевски, неговиот албански колега Еди Рама и претседателот на Србија Александар Вучиќ ќе одат во Брисел и ќе учествуваат на самитот Европска Унија – Западен Балкан.

Рама на својот Твитер профил објави дека по меѓусебни консултации, тројцата лидери на земјите вклучени во Отворен Балкан, сепак, одлучиле да заминат за Брисел.

– Ќе присуствуваме на состанокот на Советот на ЕУ. Нема да има многу што да се слушне за нас, но ќе бараме да бидеме слушнати за идејата за Нова европска политичка заедница која ја поддржуваме, за Отворен Балкан кој го промовира духот на Европа и за нашето киднапирање од Бугарија што сето тоа го уништува. Само што слушнав дека нешто денеска се придвижува во Бугарија. Прерано е за оптимизам и премалку за промена на делот од утрешниот говор каде Бугарија ќе биде критикувана како земја која киднапирала две земји од НАТО додека има жешка војна на европската граница!, наведува Рама.

Македонската влада сериозно размислува да не присуствува на средбата поради третманот што Брисел го има кон нашата земја, како и поради ветото на Бугарија. Белград и Тирана се подготвени да се солидаризираат со Северна Македонија по ова прашање.

Премиерот на Северна Македонија, Ковачевски вчера рече дека со Вучиќ и Рама разговарал за националните ставови на секоја од земјите, за регионалните перспективи, како и за динамиката на евроинтегративниот процес. Покрената е иницијатива и за Агенцијата за привлекување инвестиции за „Отворен Балкан“, која ќе овозможи дополнителен економски развој на регионот.

Намерата на ЕУ експресно, спротивно на сите правила и преку ред, да и додели кандидатски статус на Украина, додека балканските земји повторно да останат во заден план, е еден вид шлаканица за земјите од регионот кои се во бриселската чекална со децении.

Како што сега стојат работите, Албанија и Северна Македонија нема да добијат „зелено светло“ за почеток на преговори со ЕУ, а Босна и Херцеговина и по шест години чекање – кандидатски статус.

Слични содржини