Албанскиот премиер Еди Рама оцени дека нема ништо лошо во тоа што Србија финансиски ја поддржува Заедницата на српските општини на Косово и истакна дека Косово треба да истрае во спроведувањето на француско-германскиот план за да го постигне она што го цели, а тоа е конечно признавање.
„Германскиот план е најдоброто нешто што може да го добие Косово бидејќи тоа е де факто признавање. Тоа е предлог „живеј и пушти го другиот да живее“ и го отвора патот за признавање од другите“, рекол Рама, пренесува „Еуроњуз Албанија“.
Во интервјуто за подкастот „Inside Albania“, Рама рекол дека не гледа ништо лошо во тоа Србија финансиски да ја поддржи ЗСО.
„Србија ја загуби војната и не може ни да замисли воена одмазда. Тоа е готово! Косово беше признато од заедница на земји кои никогаш нема да дозволат враќање. Никогаш! Што и да се случи! Тоа е првата точка. Второ, ако Заедницата е формирана во уставните рамки на Република Косово и е резултат на договор заснован на тоа, тогаш нема да има простор вооружените луѓе да дојдат и да тврдат дека се членови на таа Заедница. Тоа ќе биде простор за општините да имаат самоуправа и поддршка од Белград. Зошто да не?“, изјавил Рама.
За критиките од Приштина за идеите за ЗСО и конференцијата за Косово, Рама нагласил дека е важно да се гледа во иднината и да се направи се за зближување, а не постојано да се размислува за минатото.
„Минатото е минато“, кажал Рама и додал дека патот е многу јасен и дека треба да работиме за мир, да се фокусираме на иднината и да не останеме заложници на минатото.
Зборувајќи за утрешниот самит на Берлинскиот процес во Тирана, Рама порачал дека не е планирана средба на лидерите на Србија и Косово, но не ја исклучил таквата можност.
„Не планиравме и не очекувам. Сепак, сè може да се случи затоа што во вакви ситуации, кога сите се дружат, ако има можност или ако лидерите на Германија и Франција, кои ќе бидат тука, сакаат да разговараат со нив како коавтори на француско-германскиот план, може да се случи“, посочил Рама.
Косово на самитот ќе го претставува премиерот Албин Курти, а Србија премиерката Ана Брнабиќ.