Албанскиот премиер Еди Рама и европската комесарка Марта Кос денес го отворија самитот во Тирана посветен на Планот за раст на ЕУ за Западен Балкан, објавија албанските медиуми.
Во својот воведен говор, албанскиот премиер Еди Рама рече дека Западен Балкан „е регион кој сака да расте со Европа, а не на грбот на Европа“, објави Euronews Albania.
„Европа е нешто што го градиме, а Западен Балкан не бара почести, секој доаѓа со своја гордост за да понуди вредност. (Западен Балкан) Ние не молиме да се приклучиме кон ЕУ, туку секој ден докажуваме дека сме подготвени“, рече Рама.
Самитот за Планот за раст се вика „Нашиот пат кон ЕУ“. На самитот, лидерите на Албанија, Босна и Херцеговина, Србија, Црна Гора, Македонија и Косово ќе разговараат за зајакнување на економската и политичката соработка меѓу земјите од Западен Балкан и ЕУ.
Албанскиот премиер зборуваше за придобивките од Планот за раст, истакнувајќи дека регионот никогаш не презел толку големи реформи како во рамките на овој план.
Во овој поглед, Еди Рама ја спомена изградбата на патни артерии во Европа, а особено Коридорот 8, кој ги поврзува Италија, Албанија, Македонија и Бугарија. Тој рече дека коридорот е од клучно значење за безбедноста во Европа и дека станал и безбедносен коридор на НАТО.
Албанскиот премиер нагласи дека Планот за раст не е патоказ кон Брисел, туку кон слободите и можностите на заедничкиот европски пазар, на кој припаѓаат граѓаните од регионот на Западен Балкан, објави АТА.
Истакнувајќи ги придобивките од интеграцијата во ЕУ, Рама рече дека луѓето во регионот не ја чувствуваат самата интеграција, туку „пониски цени, полесно патување, подобри работни места, слобода на движење“.
Албанскиот премиер потсети дека тарифите за роаминг меѓу Западен Балкан и ЕУ ќе бидат целосно укинати следната година.
Во октомври, за време на посетата на Тирана од претседателката на Европската комисија (ЕК), Урсула фон дер Лајен, беше објавено дека овие тарифи ќе бидат укинати за Албанија.
„Тарифите за роаминг меѓу Западен Балкан и ЕУ ќе бидат укинати во 2026 година. Нашите граѓани ќе го почувствуваат ова директно во своите џебови следната година. Ја укинавме внатрешната тарифа за роаминг со шесте земји од Западен Балкан и ги намаливме надоместоците, а во меѓувреме, со финализирањето на правната основа со Европската комисија, ја имаме програмата (за укинување на тарифите за роаминг) меѓу Западен Балкан и ЕУ“, изјави Рама, цитиран од АТА.
Според Рама, укинувањето на тарифите за роаминг не е поврзано само со сметките, туку и со „отстранувањето на уште една вештачка граница меѓу нашите граѓани и Европа“.