Рамадани префрлен во домашен притвор

од Nikola Popovski
116 прегледи

На поранешниот член на ОВК, Блерим Рамадани, кој беше приведен на влез во Македонија, мерката екстрадициски притвор во затворот „Шутка“ во Скопје му е заменета со мерката „куќен притвор поради екстрадиција“ и со мерки на претпазливост. Вака одлучиле во Кривичниот суд во Скопје.

Рамадани со решение на судија на претходна постапка ќе мора да остане во домашен притвор со мерки на претпазливост.

Според документот, објавен од дел од медиумите на албански јазик во земјава, Рамадани ќе има привремен престој во Скопје до завршување на понатамошните процедури од денес, па се до 16.08.2024 година.

Рамадани беше приведен по барање на Интерпол Србија, каде што се бара поради претпоставени злосторства врз цивили во периодот од почетокот на војната во Косово.

Пред една недела, српскиот министер за внатрешни работи, Ивица Дачиќ рече дека Србија има список со меѓународни потерници за припадниците на ОВК, кои се осомничени за воени злосторства на Косово во периодот од 1997 до 1999 година.

Слични содржини