Пратеникот Зеќир Рамчиловиќ преку писмо реагираше на денешната средба на градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски и претседателката на Република Српска, Жељка Цвијановиќ, поради фактот што не било истакнато знамето на БиХ.
-На средба од меѓународен карактер задолжителна е употреба на знамето на државата од која доаѓа високиот гостин, во случајот задолжителна е употреба на државното знаме на Босна и Херцеговина. Што во овој случај не беше направено, туку се користеше знаме на еден нераскинлив дел од Босна и Херцеговина. Знамето на Босна и Херцеговина е симбол со кој се претставува државноста на меѓународни средби и ваквите пропусти и грешки, намерни или ненамерни не смеат да се случуваат. Особено во ова време во кое се позачестени се сецесионистичките намери на дел од власта и политичарите на Србите од Босна и Херцеговина кои можат да доведат до катастрофлни последици, појаснува Рамчиловиќ.
Според него, со ваков чин од страна на Општина Куманово се нанесува штета врз добрите и пријателските односи помеѓу Босна и Херцеговина и Северна Македонија, иако нашата држава во секој поглед го подржува и го смета за неприкосновен територијалниот интегритет и суверенитет на Босна и Херцеговина.
-На средбата кај Претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски не се случија вакви пропусти, при што согласно протоколите се користеше државното знаме на Босна и Херцеговина согласно државата од која доаѓа високата делегација. Поради тоа, како пратеник и претседател на групата за пријателство помеѓу парламентите на Република Северна Македонија и Босна и Херцеговина барам од Градоначалникот на Општина Куманово, Максим Димитриевски јавно извинување до сите граѓани на нашата држава, особено до сите граѓани чија матична држава е Босна и Херцеговина. Исто така, недопустиво е да амбасадорот на Босна и Херцеговина присуствува на една ваква средба во која се негира државата која што го поставила за амбасадор и очекувам од него да се огради од вакво грубо непочитување на Босна и Херцеговина. Верувам дека и другите присутни поради ваквиот пропуст како што се пратениците Јовановиќ и Стољковиќ и други се чувствувале непријатно, бара пратеникот.
На средбата, освен споменатите присуствуваа и амбасадорот на Босна и Херцеговина во Република Северна Македонија, Н.Е., Драган Јаќимовиќ, како и пратениците од српската заедница во Собранието на РСМ, Иван Стоиљковиќ и Мирослав Јовановиќ и други јавни личности.