„1.349 службеници вработени по Охридскиот рамковен договор до крајот на јануари ќе почнат со работа во новите институции и органи на државната и локалната самоуправа, во кои ќе бидат распределени“, изјави вицепремиерот Артан Груби на денешната прес-конференција.
Меѓу нив, најголемиот дел се економисти и правници, но има и кадар со средно образование. Планот за нивен трансфер помина на владина седница, а денеска првиот вицепремиер и министер за политички системи, Артан Груби го презентираше планот.
Тој ги наброја некои од институциите каде што овие лица ќе бидат прераспределени, а повеќето ќе бидат вработени во МВР, Управата за јавни приходи, Државното правобранителство и во Царинската управа.
Тој вели дека меѓу овие лица нема само Албанци, туку и Македонци, Роми, Турци, Срби и Бошњаци. Нивниот трансфер ќе се врши преку систематизација на работните места на исто ниво согласно условите кои ги исполнуваат. Во рок од седум дена, тие треба да си ги подигнат упатните решенија.
Во однос на иселените лица, Груби вели дека направена е претходна проверка во однос на тоа прашање и веќе се доделени отказни решенија, а некои од тие луѓе и самите побарале да им се прекине работниот однос.