Слободниот трансфер на Серхио Рамос во ПСЖ не е воопшто сигурен, тврди францускиот медиум „Ле 10 Спорт“.
Вчера излезе шпекулација дека Парижаните се подготвени да ги исполнат побарувањата на Шпанецот – договор за 2 сезони и плата од 15 милиони евра годишно.
Од денес, легендата на Реал Мадрид официјално стана слободен агент откако не доби понуда за повторно потпишување со „белиот балет“. И како таков, тој ќе може да преговара за подобри лични услови.
Сепак, високите барања на Рамос веќе ги одбија Милан и Манчестер Јунајтед, а сега се очекува слична реакција од „принцовите“. Спортскиот директор на ПСЖ, Леонардо разговара со фудбалерот и неговиот агент, но двете страни имаат несогласувања.
Леонардо беше подготвен да му даде договор на 35-годишниот Серхио на само една година, додека Рамос инсистира да парафира за две години.