Фудбалерите на Манчестер Јунајтед загубија во натпреварот од 34. коло на Премиер лигата на гостувањето кај Арсенал со 1:3. Стрелец на единствениот гол за Јунајтед беше Кристијано Роналдо, негов 100-ти во премиерлигашките натпревари, а на тој натпревар имаше една интересна ситуација во која португалскиот ас реши да не упати удар од белата точка.
Се играше во 57. минута од натпреварот при резултат 2:1 за Арсенал. Роналдо му го препушти пеналот на Бруно Фернандеш, кој ја погоди стативата. Како дојде до тоа Роналдо да се откаже од пенал-рулетот, објасни менаџерот на тимот – Ралф Рангник.
„Разговарав со него по натпреварот и го прашав истото. Тој ми рече дека не чувствувал дека треба да го изведе пеналот и дека било подобро Бруно да го изведе“, објасни Рангник.
Арсенал е на четвртото место со 60 бодови од 33 натпревари. Јунајтед одигра 34 натпревари и освои 54 поени.