Тешкиот пораз со 0:4 од Брајтон стана уште една црна точка во и онака лошата сезона на Манчестер Јунајтед. „Црвените ѓаволи“ повеќе немаат шанса да се квалификуваат во Лигата на шампионите, а менаџерот на тимот Ралф Рангник призна дека играта на тимот е под критики.
„Ужасна претстава. Од првата до последната минута не одигравме како што треба. Можеме само да им се извиниме на поддржувачите за овој понижувачки пораз. На противникот му дадовме премногу време и простор. Не можевме ниту да ги пресечеме нивните додавања меѓу редови. Имавме кажано дека треба да бидеме компактни на теренот, но не ни одеше. Мислам дека тоа не е несериозен став, само што не ни тргна. Брајтон има технички потковани играчи и ги казнуваше нашите грешки“, додаде германскиот стручњак.