Рангник оптимист за Тен Хаг: „Се надевам дека Јунајтед ќе се врати во топ 4“

од Vladimir Zorba
307 прегледи

Менаџерот на Манчестер Јунајтед, Ралф Рангник го коментираше последниот натпревар оваа сезона. „Црвените ѓаволи“ повторно разочараа, губејќи со 0-1 од Кристал Палас. Сепак, имаа среќа што Брајтон победи со 3:1 против Вест Хем и така Јунајтед го задржа 6-тото место во конечниот поредок и следната година ќе игра во Лига Европа.

Рангник призна дека ова е добра услуга од „Галебите“, но сакал неговите играчи сами да ја завршеа работата наместо да очекуваат такви подароци.

„Да, Брајтон ни направи услуга. На полувреме губеа со 0-1, но во вториот дел успеаја да постигнат три гола. Сепак, повеќе би сакал самите да ја завршевме работата. Некако овој натпревар е показател за нашиот настап на гостувањата во последно време. Се обидовме, имавме добри прилики во првото полувреме, но не ги искористивме, но во исто време направивме премногу неиспровоцирани грешки, лесно ја губевме топката и токму така падна голот. Бевме малку подобри во вториот дел, но не бевме доволно прецизни во последното полувреме, па забележавме нов пораз на гостински терен“, изјави Рангник.

Сепак, тој останува оптимист за иднината под водство на Ерик тен Хаг.

„Знаевме што се очекува од нас пред натпреварот. Немаше потреба од посебно потсетување. Но, останувам оптимист, позитивен сум. Со новиот менаџер Ерик тен Хаг – тој е врвен тренер – заедно со бордот на директори, скаутите, можеме да ги најдеме потребните засилувања и потоа да ја подигнеме класата на тимот. Тогаш се надевам дека Манчестер Јунајтед ќе се врати во топ 4. Нашите навивачи се неверојатни. Ова е еден од најголемите адути на клубот. Мора да работиме заедно за да го вратиме Манчестер Јунајтед таму каде што припаѓа“, изјави Германецот.

Конечно, тој ја оцени сезоната во која за првпат требаше да ја игра улогата на привремен менаџер.

„Тоа беше нов предизвик за мене. Не толку доаѓањето на средината на сезоната, туку фактот дека знаев дека сум само привремен менаџер. За жал, не можев да одработам предсезонски тренинзи и да го засилам тимот. Ова искуство беше горко-слатко, или подобро кажано слатко и горко, бидејќи во првите неколку месеци игравме добро и освоивме многу поени – во просек 2,1 по натпревар пред мечот со Атлетико. Енергијата во тимот исчезна, немаше агресија и така нашиот настап падна“, ззаклучи специјалистот.

Слични содржини