Иако е менаџер на Манчестер Јунајтед само 20 дена, Ралф Рангник веќе го критикуваше англискиот фудбалски систем. Германскиот стручњак го претстави својот предлог за проблемот со густиот распоред во Англија.
Англичаните се меѓу ретките во Европа кои не паузираат во текот на зимата, згора на тоа распоредот им е најгуст за време на празниците.
Сепак, колку што им се допаѓа тоа на навивачите и колку што профитираа од ТВ правата, актуелната сезона во Англија е пред колапс поради големиот број одложени натпревари поради зголемувањето на играчите заразени со коронавирус.
Шест од десетте натпревари се одложени за викендот, како и два за познатиот Boxing Day, ден по Божиќ.
„Играњето на Boxing Day е голема традиција во Англија. Навистина го ценам тоа и мислам дека треба да се држи до традицијата. Искрено, едвај чекам. Тоа ќе биде прв пат во мојата тренерска кариера да бидам дел од тоа. Но, мора да зборуваме за некои други работи за Премиер лигата“, изјави Рангник.
Германецот смета дека нема потреба да се играат два купа.
„Англија е единствената лига од петте најголеми што има уште две куп натпреварувања. Франција отфрли еден куп пред неколку години, сега постои само овде. Мислам дека вреди да се зборува за тоа“, започна Рангник.
„Ги знам причините зошто постои. Знам дека тоа е начин клубовите од пониската лига да ги пополнат своите буџети кога ќе дојдат најголемите. Но, ако зборуваме за напорен календар и играње премногу натпревари, тогаш треба да разговараме за тоа. Имаше некои промени, како тоа дека натпреварите од ФА Купот нема да имаат реванш во случај на нерешено. Тоа е одлична идеја. Во другите земји се играат продолженија и пенали“, додаде Германецот.
Дополнително, тренерот на Јунајтед смета дека е време повторно да се воведе правилото за пет можни замени.
„Пред 18 месеци, кога започна епидемијата, беше донесена одлука секоја екипа да направи пет промени. Мислам дека тоа беше вистинската одлука, па имаме повеќе опции како тренери“, изјави Рангник.
На крајот заклучи зошто тоа би бил вистинскиот потег денес.
„Тоа би им помогнало на играчите малку да се одморат и да заштедат енергија, особено ако штотуку ја надминале короната. Англија е единствената земја каде што не се дозволени пет замени, но можете да задржите осум играчи на клупата. Тогаш логично е да имаме право на пет замени“.