Рангник по ремито со Њукасл: Воопшто не ми се допадна тоа што го видов

од Vladimir Zorba
344 прегледи

Манчестер Јунајтед не знае за пораз откако германскиот стручњак го презеде тимот, но ремито (1:1) против Њукасл на „Сент Џејмс Парк“ не го задоволи новиот менаџер на „црвените ѓаволи“, Ралф Рангник.

– Воопшто не ми се допадна тоа што го видов, рече Рангник.

– Не ја контролиравме играта освен на неколку моменти. Се е во енергијата, физичката кондиција и кој ги освојува вторите топки. Не бевме најдобри во сите овие елементи. Добро е што освоивме бод, но учинокот мора да биде подобар. Треба да се биде подготвен и способен да се победува во директните дуели, а тоа не беше толку вообичаено на последниот натпревар. Кога бевме во посед на топката имавме премногу додавања, комплициравме премногу, истакна Германецот.

Од доаѓањето на Рагник, Јунајтед не успева да постигне повеќе од гол по натпревар.

-Нашиот најголем проблем беа грешките што ги направивме. Дури и кога израмнивме, навистина не ја контролиравме играта и не носевме правилни одлуки. Губевме и моравме да ризикуваме повеќе. Во некои ситуации, вклучувајќи го и голот, бевме добри, со Единсон Кавани имавме уште еден напаѓач кој беше опасен, посочи менаџерот.

Јунајтед во следниот натпревар (30 декември) ќе го пречека Барнли.

„Можеме и мораме подобро“, заклучи Рангник.

Слични содржини