Рангник: Роналдо беше добар на тренинзите и затоа решив да го започне натпреварот

од Vladimir Zorba
326 прегледи

По победата (3:2) над Тотенхем, менаџерот на Манчестер Јунајтед, Ралф Рангник изјави дека неговиот тим заслужено славел.

– Ја покажавме реакцијата што требаше да ја покажеме по лошото второ полувреме на „Етихад“, изјави Рангник и додаде:

– Тимот ја заслужи победата, одлично е што успеавме да се вратиме на тој начин по два израмнувачки гола.

Потоа ја истакна улогата на Кристијано, кој ги постигна сите три гола за Јунајтед.

– Откако сум во клубот, ова е неговиот најдобар натпревар. Тој беше добар на тренинзите во четвртокот и затоа решив да го започне натпреварот. Беше фантастичен на теренот, но истото можам да го кажам и за остатокот од тимот. Тој е играч кој може да крене 70.000 луѓе на нозе, но за да го направи тоа потребно е тимот да биде со него. Што се однесува до самиот Роналдо, не се работи само за три гола, туку за тоа што тој придонесе за играта во текот на целиот натпревар. Тој едноставно беше одличен, истакна тренерот.

Германскиот фудбалски стручњак додаде дека неговиот тим покажал квалитет кога било најпотребно.

– Ова беше нашата најдобра игра, ако се земе предвид квалитетот на противникот. Моравме да победиме, тоа го направивме и тоа сега ни даде мотив и за следните натпревари – заврши Рангник.

Слични содржини