Привремениот менаџер на Манчестер Јунајтед, Ралф Рангник изјави дека се уште чека повик од Ерик тен Хаг, кој ќе ја преземе позицијата од Германецот за неколку недели. Холанѓанецот е тој што треба да одлучи дали Кристијано Роналдо ќе остане на „Олд Трафорд“ и следната сезона.
„Мора да го прашате Ерик тен Хаг за Кристијано Роналдо – дали ќе се вклопи во неговиот систем. Инаку, Роналдо покажа дека се уште може да биде витален дел од овој тим. Сепак, очигледно е дека на тимот му требаат повеќе напаѓачи. Треба да има двајца или тројца нови напаѓачи следната сезона“, изјави Рангник во интервју за „Sky Sports“.
Германецот е уверен дека Тен Хаг ќе ги привлече оние играчи со кои тимот може да се развива без потреба да бидат големи ѕвезди. Тој како пример го наведе начинот на работа во Манчестер Сити и Ливерпул, за кои рече дека дека се „најдобрите тимови во светот“.
„Тој има уште два натпревари како тренер на Ајакс. Имаме уште три натпревари до крајот на сезоната. Кога ќе сака да разговара со мене и да размени мислења, ќе бидам повеќе од среќен да го направам тоа. Сè уште чекам повик од него. Сигурен сум дека го има мојот телефонски број. Знам дека тој ќе биде менаџер кој ќе ги земе вистинските играчи. Затоа, сигурен сум дека навивачите и новинарите ќе видат подобар тим следната сезона. Да се надеваме дека ќе бидеме во подобра позиција во поредокот“, посочи тој и додаде:
„Манчестер Сити и Ливерпул привлекоа играчи кои не беа толку популарни во времето кога потпишаа, но се развиваа како двата најдобри тима во светот. Нема да ме чуди ако за неколку недели играат финале во Лигата на шампионите. Тие покажаа дека е можно тоа да се случи без потреба од три или четири години“.