Ранливите категории граѓани најчести жртви на институционална дискриминација

од Берта Китинска
295 прегледи

Ранливите категории граѓани се најчести жртви на институционална дискриминација и како последица на тоа се соочуваат со проблеми да ги остварат своите законски гарантирани права. Токму ова е најдобар показател дека мора да се смени праксата на поставување партиски кадри во Комисијата за спречување и заштита од дискриминација. Граѓанското здружение ЕСЕ изработи видео во кое се пренесени сведоштва на дел од лицата кои на своја кожа ја почувствувале институционалната дискриминација.

„Дискриминацијата не е нешто што поминува како ветер покрај луѓето. Има луѓе кои се слаби и за кои може да заврши фатално дискриминацијата. Имам и случај кај што лично познавам човек кој беше зависник и понижуван во општеството односно дискриминиран од институции, на крајот заврши со самоубиство. Значи, не е убаво чувство. Секој кој доживеал барем еднаш дискриминација на себе, може да каже какво е чувството“, вели Моника, која десет години се занимава со сексуална работа.

Ѓулсен Умер, жител на Шуто Оризари се соочил со дискриминација кога се обидел да го пријави и да извади здравствена книшка за своето новородено дете. Вели дека со саати чекал во институциите додека други луѓе се пуштале преку ред да завршат работа.

„Едноставно не можам да сфатам една работа. Како нас не гледаат? Чудна работа. Дали затоа што сум Ром мене ме гледаат така или ме фрлаат на страна или пак не ме споредуваат со Македонците или со Албанците“, се прашува Ѓулсен.

По една и пол година без функционална Комисија за спречување и заштита од дискриминација, Собранието треба да избере нови членови на комисијата на почетокот на 2021 година. Единствено со поставување стручни, професионални и непартиски членови ќе се подобри лошата состојба со дискриминацијата и кршењето на човековите права во државата, порачуваат претставниците на граѓанскиот сектор. Бараат од пратениците да спроведат постапка за избор која ќе биде транспарентна и ослободена од какви било влијанија.

Слични содржини