Општинските служби ја расчистија депонијата во напуштениот објект во Капиштец спроти Католичката црква. Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски известува дека од локацијата во неколку наврати се отстрани смет, шут, кабаст и градежен отпад. Депонијата беше потенцијален извор на разни инфекции, но и опасност за безбедноста поради собирање бездомници кои палеа оган од насобраното ѓубре.
„Ваквите депонии мора да бидат расчистени од причина не само што ја нагрдуваат сликата во општината, туку поради тоа што најчесто се дувло на бездомници и потенцијални жаришта на зарази и нови пожари. Јавната хигиена и здравјето на граѓаните мора да биде на прво место”, вели Герасимовски.
Општина Центар пред три месеци ги повика граѓаните да пријавуваат диви депонии преку телефонскиот број 02 3203 693 или на веб сајтот на општината преку следниот линк https://www.centar.gov.mk/?page_id=6768.
-Општина Центар има за цел да ги расчисти сите диви депонии на целата територија на општината, порачаа од локалната власт.