Расчистено убиството на Оки во Ханиоти, грчката полиција тврди дека убиецот е во притвор во Македонија

од Nikola Popovski
870 прегледи

Грчката полиција ги открила убијците на неформалниот водач на кланот „Дуќанџик“, Орхан Бајрами-Оки пред вилата во Ханиоти, Грција, кој беше застрелан на 15 јули 2023 година. Убиството го извршила екипа од неколку лица, кои со пиштол „застава“ калибар 7,65 милиметри го застрелале Оки, а тешко го раниле неговиот сопатник Сеад Сезловиќ.

Грчките медиуми пренесуваат соопштение од тамошните истражни органи кое е објавено вчера дека е идентификуван еден од убијците на Оки и дека станува збор за лице на возраст од триесет и три години со иницијали Г.Т, државјанин на Македонија. Паралелно, во непосредна близина на убиството бил пронајден пиштолот, како и ракавиците на сторителот.

Грчките медиуми информираат дека се трага по двајца негови соучесници, исто така државјани на Македонија.

Според иницијалите и со оглед на тоа дека грчките медиуми јавуваат дека осомничениот е веќе во притвор во Скопје, станува збор за лицето кое во август било уапсено за „Шиша бар“ под сомнение дека учествувал во купопродажбата на автомобилот кој потоа бил користен за двојното убиство и запален.

Летово напаѓачите, кои носеле качулки и најверојатно фантомки, упаднале во дворот на вилата што Оки ја изнајмил со своите пријатели. Додека сите седеле во дворот, напаѓачите влетале и испукале 19 куршуми кон Бајрами. Ваквата ликвидација е продолжение на убиствата поврзани со скопското подземје кои добија на интензитет во последните неколку години. Неколку месеци пред тоа во скопската Чаршија беше убиено уште едно контроверзно лице, Јетон Кривањева – Жила, близок пријател на Бајрами.

Војната меѓу клановите во скопското подземје беснее со години, многу луѓе се ранети и убиени, а убиствата остануваат неразјаснети.

Слични содржини