Расел Вестбрук ја одби опцијата со Нагетс – се подготвува за нов почеток

од Марта Пешевска
51 прегледи

Денвер Нагетс остануваат без еден од најискусните играчи во тимот – Расел Вестбрук. 36-годишниот плејмејкер реши да не ја активира опцијата за продолжување на договорот за сезоната 2025/2026, вредна 3,5 милиони долари, со што ќе стане слободен агент на 29 јуни.

Иако Нагетс немаат право на избор на претстојниот НБА драфт, клубот моментално располага со три слободни места во ростерот, кои се отворија по заминувањето на Вестбрук, ветеранот Деандре Џордан и Василије Мициќ (Канкар), кој не доби шанса во тимот.

Вестбрук одигра 75 натпревари оваа сезона со просек од 13,3 поени, 6,1 асистенција и 4,9 скока во речиси 28 минути по меч. По елиминацијата на Денвер од плејофот, се подложи на операција на десната рака, па ќе му бидат потребни неколку недели за целосно заздравување.

И покрај повредата, поранешниот МВП на НБА останува еден од највлијателните кошаркари во лигата. Тој е апсолутен рекордер по број на трипл-дабл учиноци (203), осми на листата на најдобри асистенти во историјата (9.925) и меѓу најдобрите стрелци со над 26 илјади поени.

Во текот на неговата блескава кариера, Вестбрук осумпати настапи на Ол-стар натпревари, двапати беше прогласен за МВП на истиот и неколкупати беше дел од најдобрите петорки во лигата. Најголемиот успех го постигна во 2017 година, кога стана најкорисен играч на сезоната.

Но, по заминувањето од Оклахома Сити Тандер, каде што помина цела деценија, Вестбрук не успеа да се задржи подолго во ниту една екипа – настапуваше по една сезона за Хјустон, Вашингтон, Клиперс и Нагетс, а најдолго се задржа во Лос Анџелес Лејкерс, две години.

Сега е пред нова одлука – дали ќе се приклучи на тим со шампионски амбиции или ќе одигра уште една сезона како ментор во развој на помладите. Што и да избере, јасно е дека Расел Вестбрук сè уште има што да понуди.

Слични содржини