Маркус Рашфорд треба да се промени за да се врати во игра за Манчестер Јунајтед, изјави главниот тренер Рубен Аморим пред последниот натпревар од групната фаза во Лигата на Европа против романската Стеауа Букурешт.
Англискиот напаѓач нема одиграно ниту еден натпревар за Јунајтед од минатиот месец, откако призна дека е подготвен за нов предизвик во кариерата. Аморим во неделата изјави дека попрво би ставил тренер на голманите на клупата отколку играч кој не дава се од себе.
„Замислете талент како Рашфорд, нашиот тим мора да се однесува многу добро со него. Но, тој мора да се промени. Доколку се промени, веднаш ќе го вклучиме во составот бидејќи ни е потребен. Но, во овој момент треба да поставиме некои стандарди. Ја чекаме неговата одлука, ако навистина го сака тоа“, прокоментира менаџерот.
Аморим рече дека нема ништо лично против играчот, кој има 287 настапи во Премиер лигата за Манчестер Јунајтед од 2015 година. Напаѓачот тренираше со соиграчите пред натпреварот против Стеауа, но не влезе во составот од 21.
„Морам да создадам исти правила за сите. Ние сме подобар тим со Рашфорд, тоа е јасно, но засега нема да ја променам мојата одлука“, додаде тој.
Реми денеска би било доволно за „црвените ѓаволи“, кои се четврти во поредокот, да обезбедат директен пласман во осминафиналето на Лига Европа.
„Јасно е дека можеме да се подобриме како тим, сите ние, ако имаме време да тренираме и ако запишеме некои победи. Тогаш ќе биде многу полесно“, рече Аморим.