Рашковски до УМС: Правите забава и подлегнувате на ниски страсти, а се уште сме на врвот по бројот на жртви од сообраќајки

од Nikola Popovski

Семејството на поранешниот генсек на Владата, Драги Рашковски иронично им се заблагодари на УМС на ВМРО-ДПМНЕ за делењето мекици на плоштадот „Македонија“, за како што рекоа, „да му помогнат на поранешниот функционер сега кога неговите приходи се сигурно намалени“.

-Навистина сте се потрудиле да бидете забавни и со високо ниво на сатиричност со спроведувањето на вашата акција, но додека Вие си играте со мојот и угледот на мојата фамилија и за времетраењето на вашата акција, на неколку метри од Вашиот перформанс, во тој период својот живот во сообраќајни незгоди го изгубија две лица. Додека Вие правите перформанси за забава, нашата земја за жал сеуште сме на врвот на листата по број на жртви од сообраќајни незгоди. Вие подлегнувате на ниски страсти и недостоинствена политика од која никој нема никаква корист, вели Рашковски преку соопштение од семејството до јавноста.

Тој ја повика младината на најголемата опозициска партија да присутвува на секое судење за лично да се уверат дека во неговото работење нема ниту едно криминално дејствие и дека ниту еден денар пари на граѓаните не се злоупотребени.

-Јас нема да Ви сугерирам од каде потекнува мојот и имотот на моето семејство којшто е плод на 20 години работен ангажман, за кои средства може слободно да проверите дека секоја година уредно се пријавувани како до УЈП, така и до ДКСК, туку доколку ги следите судењата самите сакам да заклучите дека целокупниот имот е стекнат на легален начин. Од Вас како прогресивни сили очекувам да поддржите проекти кои спасуваат животи независно од политичката определеност на учесниците во сообраќајот, порача Рашковски.

Од младината на најголемата опозициска партија прашаа „колку мекици се потребни за купување на плацевите во Струмица од илјадници метри квадратни?“

-Колку мекици се потребни за стекнување со имотот во Побожје? Колку мекици се потребни за стекнување со возило олдтајмер марка Доџ? Колку мекици се потребни за купување на нов луксузен џип Волво? Колку мекици се потребни за стекнување со нови три мотоцикли, БМВ, Хонда и Кавасаки?

Имајќи предвид дека парите на сметките на неговите блиски беа од делење мекици, сега ние, „собраните средства“ ќе ги уплатиме исто на тие сметки, па да се надеваме дека со овој мал придонес ќе успееме да ги надополниме сметките на неговите најблиски за неколку милиони денари, стои во соопштението од УМС.

Слични содржини