Укината е мерката куќен притвор за поранешениот генсек на Владата, Драги Рашковски и прифатена е гаранцијата како мерка за обезбедување на негово присуство во рамки на кривичната постапка што се води против него. Ова го соопштија утрово од Апелација.
-Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет КСЖ – 816/23 на нејавна седница на ден 03.11.2023 година, жалбата на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција ja одби како неоснована и донесе решение со кое го потврди решението на Основниот кривичен суд Скопје со кое е укината мерката куќен притвор и прифатена гаранција како мерка за обезбедување присуство против обвинетиот Д.Р. од С., во рамките на кривичната постапка која се води против обвинетиот, а поради основано сомнение за сторено кривично дело Злоупотреба на службената положба и овластување од чл.353 ст.3 на Кривичниот законик и кривично дело Перење пари и други приноси од казниво дело од чл.273 ст.1 на Кривичниот законик, информираат од Судот.
Рашковски е прогласен за виновен за злоупотреба на службената положба и овластувања и за перење пари. Тој доби вкупна затворска казна во траење од осум години. Ова е епилогот на судскиот процес за случајот „Софтвери“ каде Рашковски со уште шестмина други беа обвинети дека на државата и продале системи за безбедност во сообраќајот кои воопшто не биле потребни.
Случајот „Софтвери“ се однесува на четири тендери од Генералниот секретаријат на Владата кога на чело е Рашковски за систем за биометриска идентификација, софтвер за определување на просечна брзина на возила во сообраќајот и изрекување на казни, АНПР-камери за препознавање регистарски таблички за возила и набавка на метални кабини за потребите на системот на биометриска идентификација и систем за автоматско препознавање на регистарски таблички.