На денешното судење против поранешниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски, првообвинетиот рече дека во текот на ова судење ќе докажат каква дигиталната форензика треба да имаме.
– Многу е тешко да најдете црна мачка во црна просторија. Уште потешко е да ја најдете ако ја нема. Во тек на ова судењето ќе докажеме дека црна мачка не постои. Многу релевнатни докази се сокриени од судот и од нас, т.е. дописот-известувањето до Јавното обвинителство дека двата софтвери се ставени во функција, рече Рашковски.
Според обвинението, Рашковски ја злоупотребил функцијата генерален секретар на Владата при спроведување на четири тендери меѓу кои и оној за набавка на системот за биометриска идентификација на граѓаните како и софтвер за брзо возење и казнување на возачите. Рашковски сам си отиде од Владата кога во април минатата година поднесе оставка од функцијата генерален секретар на Владата.
Според обвинителниот акт, Рашковски е обвинет за кривичните дела „злоупотреба на службена положба и овластување” и „Перење пари и други приноси од казниво дело”. Лицата И.Д., И.Х., Д.С., И.И., И.И. и М.С. се обвинети за „Злоупотреба на службена положба и овластување” од КЗ.
Судењето за овој предмет го води судијката Фанка Јанчулева-Михаиловска, а како застапник на обвинението на денешното рочиште се појави обвинителката Вилма Рускоска. Следното рочиште за случајот „Софтвери“ е закажено за 24 март.