Проектот за Системот за итна хеликоптерска медицинска помош (САР) и Хеликоптерски услуги за потрага и спасување (ХЕМС) ќе го чини буџетот на државата нула денари, реагира генералниот секретар во Владата Драги Рашковски. Тој вели дека се смешни најавите од опозицијата дека тоа ќе ја чини државата 72 милиони евра.
„Ако го видите буџетскиот циркулар за овој материјал ќе видите дека таму трошоците врз Буџетот се нула“, истакна Рашковски на денешниот брифинг со новинарите.
Според него, овој систем треба да доведе спасувањето од непристапен терен да биде за многу пократок временски период од вообичаено, односно за петнаесетина минути.
„Следејќи ги искуствата на земјите што го примениле се решивме како Влада да преминеме кон воспоставување на јавно приватно партнерство. Зошто ЈПП? Затоа што сметавме дека државата нема ресурси и не треба да троши ресурси за нешто што може да го добие од приватен партнер. Другата поента е што ако веќе не трошиме пари да видиме што може да направиме за граѓаните. Повикот беше насочен во таа насока да сите граѓани на Република Северна Македонија ја добијат услугата бесплатно“, рече Рашковски.
Рашковски истакна дека покрај услугите што ќе бидат бесплатни за граѓаните на државава, се добиваат два хеликоптери кои во наредните осум години со целокупната опрема ќе останат сопственост на државата, сите осум хелиодроми низ државата каде треба да се изградат остануваат во сопственост на државата, како и целокупното искуство што ќе го стекнат понатаму, а услугите ќе бидат достапни 24 часа.
„И уште еден бенефит, 10 илјади евра беше почетната сума која што беше понудена за лицитирање, тоа е надоместок што приватниот партнер ќе го плаќа према државата како еден вид такса низ сите овие осум години. Не знам каде некој би видел злоупотреба кога има нула денари трошок. На јавниот повик, пројавија интерес осум компании, од кои пет подигнаа тендерска документација, а само една компанија се пријави на тендерт за формирање на јавно приватно партнерство за ХЕМС и САР. Најверојатно поради строгите критериуми бидејќи баравме бесплатно да биде за граѓаните и опремата да остане, се пријавила само една компанија, но тоа не е нешто што треба ние да го судиме затоа што огласот беше на располагање на сите компании, домашни и странски, беше меѓународен и не е нешто што треба да го судиме, рече Рашковски.
Економскиот оператор, како што информира Рашковски, е шведската компанија „SHC Swedish helicopter consortium AB“. „Сархемс“, како што изјави Рашковски, има обврска да инвестира девет милиони евра годишно во својот бизнис во земјава со хеликоптерскиот медицински тим за спасување. Центарот за обука на пилоти, рече Рашковски, не е во никаква корелација со ова јавно приватно партнерство.