Поранешниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски денеска побарал да му биде вратен пасошот. Тој ова барање денеска го истакнал пред Кривичниот суд заедно со неговиот адвокатски тим, на рочиштето за предметот со софтверите.
Со одлука на Апелација, Рашковски остана без пасош откако првично беше пуштен од притвор, а потоа и од домашен притвор, по прифаќање на приложената гаранција од 192.000 евра.
Според Обвинителството, случајот со Рашковски се однесува на активности околу два софтвера: едниот за автоматско казнување за сообраќајни прекршоци и еден за биометриска идентификација. Во предметот се опфатени четири набавки – на систем за биометриска идентификација, на софтвер за определување на просечна брзина на возила во сообраќајот и изрекување на казни, на камери за препознавање регистарски таблички за возила, на метални кабини за биометриска идентификација, и на систем за автоматско препознавање на регистарски таблички.
Според Обвинителството, Рашковски давал насоки за изготвување на документацијата со цел тендерите да се однесуваат на конкретен патент и лично комуницирал со учесниците во набавката. Со обвинението се опфатени и склучени авторски договори со две лица, на кои им исплаќал месечни хонорари, а тие дел од парите потоа му ги враќале во кеш.