Рашковски во нов скандал за софтверски лиценци

од Берта Китинска
450 прегледи

Откриен нов скандал поврзан за поранешниот генерален секретар на владата Драги Рашковски.Покрај набавката на софтвер за безбедност во сообраќајот што не се користи, набавил уште еден софтвер и сервери .

Како што пишува најновиот број на неделникот Фокус, Рашковски во име на владиниот генерален секретаријат кон крајот на 2019 година склучил договор со охридската компанија „Ентер“ за набавка на софтвер за систем за координација во планирањето и спроведувањето на политиката за рамномерен регионален развој, во износ од 38,8 милиони денари.

Рашковски кој пред скоро една недела поднесе оставка од позицијата генерален секретар на Владата  од домашен притвор во средата беше префрлен во затворски по жалбата на обвинителството.

Кривичниот совет на Одделението за организиран криминал и корупција ја прифати жалбата на јавниот обвинител и му определи 30-дневен притвор на Драги Рашковски и Даниел Станчевски во врска со „истрагата за набавка на софтвер“.

Пред неколку дена беше откриена СМС-порака со упатства која  Рашковски на четвртоосомничениот во случајот му испратил.

„Слушај, изразувај се стручно, овие се глупи, ништо нема да те разберат“, наводно напишал Рашковски. Пораката е откриена во телефонот на четвртоосомничениот, затоа што мобилниот телефон на Рашковски бил целосно форматиран и сета содржина била избришана.

Во Државната комисија за спречување на корупцијата отворени се предмети за набавката на софтвер за контрола во сообраќајот кој Рашковски како генерален секретар на Владата го распишал без знаење на МВР.

Се проверува и неговата имотна состојба која не е еднаква со пријавеното во неговиот имотен лист. Името на Рашковски се споменува и во скандалот со италијанската компанија Леонардо за опрема на скопскиот аеродром.

Во неговиот анкетен лист го нема и земјиштето кај Побожје на кое планира да изгради куќа од 800 квадратни метри, а го нема и џипот „волво“ што вреди 70 илјади евра. Рашковски беше автор и на неколку проекти кои упорно ги туркаше во Владата, ама поради бројни реакции од јавноста не се реализираа (проектот со брзата помош со хеликоптерите и проектот за јавно приватно партнерство за наплата на акцизните стоки).

 

 

Слични содржини