Дефанзивецот на Пари Сен Жермен, Ашраф Хакими може да го напушти тимот на лето. Според RMC Sport, мароканскиот репрезентативец е во тензични односи со некои од соиграчите и тоа е причината за неговата желба да се раздели со парижаните.
Изворот тврди дека 23-годишниот дефанзивец не се разбира најмногу со Јужноамериканците во ПСЖ. Хакими смета дека играат себично, што доведува до неуспех на одредени натпревари.
Мароканецот е најразочаран од испаѓањето од неговиот поранешен клуб Реал Мадрид во Лигата на шампионите. Многумина во тимот го делат неговото мислење. Показател за тензичната атмосфера во тимот е фактот што по поразот од Монако (0:3) викендов, никој од играчите не кажал ниту збор во соблекувалната.
Хакими дојде на „Паркот на принцовите“ минатото лето од Интер, каде што ја освои титулата во Серија „А“. Брзо стана клучна фигура во тимот на Маурисио Почетино, а досега има 32 натпревари и 3 гола во сите натпреварувања.
Неговиот договор со францускиот шампион е до 2026 година, а неговата цена е околу 70 милиони евра.