РАСТ НА ПЛАТИ И ПЕНЗИИ: Европската комисија „загрижена“, трошоците на Буџетот за 2026 за плати зголемен за 7%, а за пензии за 9,7%!

Растот на платите на буџетарите следната година ќе биде детерминиран не само поради законското усогласување туку и поради „миграции “ на вработени во јавниот сектор кој се најавуваат со новиот Буџет

од Nikola Popovski
63 прегледи Фото: Принтскрин

За фантастични 9,7% е зголемена сумата за исплата на пензии во 2026-та во однос на годинава а за плати и надоместоци износот во однос на годинава е поголем за 7%. И следната година за исплата на плати, надоместоци и пензии ќе се трошат значајно поголеми износи во однос на оваа 2025-та. Само за исплата на плати и надоместоци планирани се 854 300 000 евра додека за пензии 1 896 500 000 евра.

За 7,4% е зголемен и износот на блок-дотациите до општините со акцент дека зголемената сума е и за пораснат платите на вработените во институциите менаџирани од локалните власти.

Растот на платите на буџетарите следната година ќе биде детерминиран не само поради законското усогласување туку и поради „миграции “ на вработени во јавниот сектор кој се најавуваат со новиот Буџет.

„Расходите за исплата на плати се проектирани на ниво од околу 52,6 милијарди денари и споредено со 2025 година истите се планирани на повисоко ниво околу 3 милијарди денари. Проекцијата е базирана на постојната законска регулатива, обврските кои произлегуваат од веќе склучените колективни договори, новите вработувања кои ќе се реализираат првенствено преку мобилност и преземање на вработени од други институции од јавниот сектор“ – пишува во Буџетот.

Токму порастот на платите и порастот на вработеноста, според Владата ќе имаат значаен удел врз пораст на даночните приходи преку зголемување приливите од данок на доход поради поголем број на вработени и поради зголемување на даночната основа за пресметка на данокот.

„Растот на приходите е проектиран врз основа на очекуваниот раст на БДП, како и врз поволните движења на клучните макроекономски индикатори, вклучувајќи го зголемувањето на приватната и јавната потрошувачка, растот на номиналните плати и вработеноста, како и ценовни движења, што би овозможило зголемување на даночната основа“ – се наведува во Буџетот за 2026-та.

За разлика од креаторите на економските политики, Европската Комисија во новиот Извештај за напредокот на Македонија нотираше бројни забелешки за економските политики со оценка дека е постигнат одреден напредок, но и дека делумно или воопшто не се спроведени препораките од претходниот извештај.

“Владата не ја исполни првичната фискална цел во 2024 година, а платите во јавниот сектор беа зголемени во текот на годината над првично буџетираните средства, додека пензиите беа зголемени во септември 2024 година и повторно во март 2025 година, на линеарен начин наместо преку индексација. Буџетот за 2025 година не е во согласност со новото правило за дефицит, чија примена е одложена до 2027 година, една година подоцна од првично планираното“, се посочува во Извештајот на  Европската комисија и се додава:

„Владата не постигна напредок во клучните економски реформи. Фискалната консолидација беше одложена, а фискалната рамка останува слаба. Јавниот долг порасна на 62,4% од БДП во 2024 година, од 49,2% во 2019, додека притисоците од трошоци продолжуваат да растат. Политиките не се целосно усогласени со инфлаторните и фискалните предизвици“.

За разлика од Европската комисија од Министерството за финансии при објавување на Буџетот за 2026-та оценија дека се продолжува со политиката на фискална консолидација, дисциплинирано трошење на јавните пари и борба со сивата економија.

Д.А.