Околу три недели по првиот случај на мајмунски сипаници во Германија, бројот на заразени регистрирани од Институтот Роберт Кох, националниот институт за борба против заразни болести, се зголеми на 113 и сите се мажи.
– Во сите случаи на инфекција во Германија пријавени во Институтот Роберт Кох, се работи за мажи – изјави портпаролката на Институтот.
Според претходните податоци, се чини дека Германија е една од европските земји со особено висок број на заразени, заедно со Британија, Шпанија и Португалија.
Мајмунските сипаници се сметаат за помалку заразна болест во споредба со крупните сипаниците, кои се искоренети од 1980-тите.
Според Институтот, вирусот обично се пренесува од човек на човек преку близок физички контакт. Експертите предупредија на можноста за натамошно ширење на вирусот, особено на фестивали и забави.
Според информациите од регионалната канцеларија на Светската здравствена организација (СЗО) за Европа од минатата недела, досегашните податоци покажуваат дека епидемијата се појавила кон средината на април.
Тоа е најголемата и најраспространета епидемија на мајмунски сипаници некогаш забележана надвор од ендемските области во Западна и Централна Африка.